Велигденски саем по четврти пат во Охрид

Плоштадот Крушевска Република во Охрид и годинава беше место каде се одржува Велигденскиот саем. Дваесеттина излагачи на празнично украсените штандови понудија велигденски украси, ракотворби, накит, традиционални охридски специјалитети. Велигденскиот саем е добра можност за промоција на нашите изработки, велат излагачите.

„Изработувам од разни материјали, техниката се вика декубаж. Позната во светот, рачна изработка, главниот материјал е салфетки кои може на секоја површина да се изработува, дрвена, метална, стаклена, итн

Свои штандови имаа и ОУ од градов. Учениците од „Григор Прличев “ покрај тоа што имаа саем во дворот на нивното училиште дел од своите изработки ги изложија и на Велигденскиот саем.

„Јас и моите другарчиња направивме многу изработки за да продаваме Велигденски работи. Има многу украси. Ние ги правевеме два дена, ни беше интересно и ни беше задоволство да ги правиме сите тие работи.

Домаќинките утринава ги вапцаа првите црвени јајца, а прекрасниот ден го искористија да го посетат и Велигденскиот саем, да купат нешто, а некоја од идеите да ја применат и дома.

„Ова е добра манифестација за еден ваков ден, со детски игри да се одбележи и да се даде дух на овој празник
„Се восхитувам на ваквите настани, посебно на идејата да се поттикнат луѓето да направат нешто, тоа да се види. Празников што ни доаѓа е најубавиот и немам зборови со кои можам да го претставам, со еден збор за православните е најубав“

И оваа година организацијата на Велигденскиот саем има хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат наменети за социјално загрозените семејства, истакна градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески. Додаде дека тоа е само еден мал гест со кој локалната сака да внесе Велигденска светлина и радост во домот на дел од семејствата од градов од ранливата категорија.

„Традиционално неколку години по ред заедно со ЈП „Градски пазар“организира Велигденски саем кој што првенствено има хуманитеарен карактер онака како што налага и духот на самиот празник Воскресение Христово Велигден, да се солидаризираме со нашите граѓани во Охрид и да ги изразиме нашите традиционални, етички и хумани човечки вредности кој што заедницата во Охрид ги имала отсекогаш“

Најбројни на плоштадот Крушевска Република беа најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска“, кои покрај со своите изработки за Велигденските празници се претставија и со неколку ритмичко музички точки.